Одговорни за бегството на експремиерот Никола Груевски се Судот и Јавното обвинителство, а не Министерството за внатрешни работи, смета Здружението „Зелена лупа“.
Од таму, исто така, додаваат дека причина за бегството на Груевски е и тоа што претходно Основното јавно обвинителство не утврдило кривична одговорност кај судиите кои одлучувале за притворот на Горан Грујовски и Никола Бошковски, кои неколку месеци се во бегство, а се обвинети во предмет на СЈО.
„Во врска со бегството на Грујовски и Бошковски (Неџби и Христо), Здружението ‘Зелена лупа’, до Основното Јавно Обвинителство поднесе кривична пријава за инволвираните судии кои требало да постапат по закон и да го спречат бегството. Кривичната пријава е одбиена како неоснована. Од страна на Здружението поднесени се и иницијативи за утврдување на одговорност за инволвираните судии до Судскиот совет на РМ. Одлука сè уште не е донесена. После ваквото однесување на Јавното обвинителство и на Судскиот совет, се случи уште едно бегство. Бегство на поранешен премиер, осуден на 2 години затвор и обвинет во уште неколку случаи, каде што му се закануваат високи затворски казни“, велат од „Зелена лупа“.
Како причини за бегството на Груевски, Здружението ги наведува неутврдувањето на одговорност кај инволвираните судии во претходните случаи и отфрлањето на кривичната пријава.
„Со неутврдувањето на одговорност, инволвираните претставници на државата во кривичните постапки (судии и обвинители) беа стимулирани да се однесуваат сосема индифирентно и во случајот со Никола Груевски. Ја информираме јавноста, со основна цел, да го впери прстот во Јавното обвинителство и во Судскиот совет на РМ како главни виновници за бегството на поранешниот премиер. Барањата на одговорност од МВР за овој случај се неосновани, затоа што МВР постапува по наредби од суд и јавен обвинител“, велат од „Зелена лупа.