Жална вест: На само 38 години почина екс-репрезентативката Јулија Николиќ

1045

Македонскиот женски ракомет утрово го потресе трагична вест. Од непознати причини почина поранешната македонска ракометарка Јулија Николиќ, позната по моминското презиме Портјанко.

Ракометарката многу млада пристигна во Македонија, на само дваесет години од Галичанка се пресели во Кометал Ѓорче Петров. Во редовите на европскиот првак Николиќ настапуваше од 2003 до 2009 година, а во меѓувреме заигра и за сениорската селекција на Македонија. Откако доби македонско државјанство, ракометарката беше еден од најдобрите играчи во својата генерација, препознатлива по својата борбеност.

Од Кометал Ѓорче Петров во 2009 година, таа се пресели во Беледијеспор во Турција, па играше во француски Арвор (сега Брест), а настапуваше и во Русија за Звезда Звенигород. Кариерата ја заврши во Македонија, каде што Николиќ од 2013 до 2015 година ги бранеше боите на Вардар, во времето кога се склопуваше ѕвездената генерација.

За жал, на само 38 години од непознати причини за јавноста, Николиќ почина утрово во Скопје каде што живееше и беше сопственик на свој бизнис.