Жена од Данска (60) која што починала од тромб откако ја примила вакцината на „АстраЗенека“, имала необични симптоми, соопштиле од Данската медицинска агенција (DMA).
Жената имала ниско ниво на тромбоцити во крвта и грутки во малите и големите крвни садови, како и крварење, пренесува „Ројтерс“.
Неколку слични случаи биле регистрирани и во Норвешка, како и во базата на нуспојави на „АстраЗенека“, навеле од DMA.
„Текот на болеста беше необичен, поради што реагираа и од DMA“, пишува во соопштението.
Да ве потсетиме, Норвешка во саботата соопшти дека моментално во болниците се лечат три пациенти помлади од 50 години поради крварење, тромб и ниско ниво на тромбоцити откако истите ја примиле вакцината на „АстраЗенека“, а симптомите од страна на надлежните здравствени установи се назначени како „необични“.
Во Европската програма за вакцинација се загрижени поради извештаите за вакцината „АстраЗенека“ дека истите предизвикуваат тромбоза, но Европската агенција за здравство соопштила дека нема индикации дека таквите реакции се предизвикани од вакцината, што е став и на СЗО која што во јавноста го искажа во петокот.
Италија, Данска, Австрија, Естонија, Литванија и Луксембург ја суспендирале вакцинацијата со оксфордската вакцина. Нив им се придружија и Бугарија, Норвешка, Исланд, Холандија и Ирска.