Артилериските единици на израелската армија нападнале болница во сириската провинција Кунејтра, недалеку од границата со Израел.
Како што пренесуваат сириските медиуми, во нападот немало жртви затоа што болницата која што била мета на нападот, била напуштена. Болницата била срамнета со земја, а на мета на најновиот напад на израелската армија била и опсерваторија, пренесува сириската државна телевизија.
„Целта на нападот беше болницата во Кунејтра која што е целосно уништена со неколку топовски гранати. Мета на нападот беше и опсерваторијата во Џубрата Ел Хашаб“, пренесуваат сириските медиуми.

Според некои извори, гранатирано било и околното подрачје со што била предизвикана голема паника меѓу населението кое што живеело во околината.
Гувернерот на провинцијата Кунејтра, Хама Дбајат, за руската новинска агенција „Спутник“ изјави дека и израелските тенкови извршиле напад со неколку лансирани гранати.
Во јануари, израелската армија потврди дека ги напаѓа иранските воени мети во Сирија, откако претходно беше изведен голем воздушен напад од страна на израелското воено воздухопловство недалеку од аеродромот во сирискиот главен град Дамаск.

Инаку, израелските воздухопловни сили веќе подолг период ги напаѓаат иранските сили кои што се распоредени во Сирија, но и припадниците на либанската организација Хезболах, предупредувајќи ги дека нема да го толерира нивното присуство во близина на израелските граници.
Лидерот на Хезболах, Хасан Насралах предупреди дека доколку Израел продолжи со нападите на Сирија, една лоша проценка би можела да го вовлече целиот регион во една голема војна. Инаку, израелскиот најнов напад доаѓа откако, како што тврдат израелските медиуми, иранските сили извршиле ракетирање на нивна територија.