Кое е значењето на езерото Газиводе околу кое спорат Белград и Приштина? Гасоводе е изградено во периодот од 1979 до 1984 година. Езерото располага со 370 милиони кубни метри вода и се протега во должина од околу 20 километри, од кои околу две третини е во општината Зубин Поток.
Експлоатацијата на езерото Газиводе, кое е создадено со преградување на реката Ибар, за време на комунистичкото владеење, стана камен на сопнување меѓу Приштина и Белград. Тоа беше едно од главните прашања на разговорите во Белата куќа.
Електраната во Газиводе произведува 30 мегавати електрична енергија и служи за снабдување со вода на целото население во општините Зубин Поток, Звечан, Северна (Српска) и Јужна (Албанска) Косовска Митровица.
Во исто време, од тоа езеро се обезбедува вода за ладење на термоелектраните Косово А и Косово Б во Обилиќ.
Во комунистичкиот период од езерото Газиводе до Грачаница е изграден каналот Ибар-Лепенац, од кој се користи вода за наводнување на полињата на поранешните земјоделски задруги формирани во сите општини долж каналот.
Од тој канал се полнеше и Грачаничкото езеро, кое обезбедува повеќе од 60 отсто вода за областа на Приштина и околните населени места.
Според официјалните податоци, доколку се запре снабдувањето со вода од Газиводе, енергетскиот систем на Косово ќе има вода за само осум часа, што доволно зборува за важноста на капацитетот на ова езеро за опстанок на целата држава.
Без прилив на вода од Газивода, ќе биде невозможно да се реализира американскиот проект за изградба на термоелектраната Ново Косово, бидејќи проектот се базира на системот за ладење од каналот Ибар-Лепенац.
Исто така, Фабриката за фероникел во Глоговац, како и системот за вадење на руда во рудникот Белашевац, близу Обилиќ, ќе останат без вода од Газиводе, што ќе го доведе Косово во безизлезна состојба.
Стравот од недостиг на водата за пиење во Приштина, како и ветувањето дека езерото Газиводе ќе остане во сопственост и под контрола на Приштина беа истакнувани во сите досега одржани изборни кампањи.
Со Газиводе, како и со хидроцентралата Валач, од 1999 година раководат Србите, додека со централата за преработка и дистрибуција на вода за пиење управуваат Албанци, бидејќи седиштето на компанијата се наоѓа во Јужна Косовска Митровица.
Користењето на капацитетот на езерото Газиводе е главната причина за спротивставувањето на Албанците да се формира Заедница на српски општини, што беше договорено многу одамна во бриселскиот дијалог меѓу Белград и Приштина.