Кочанската општина Зрновци доби нова градинка со капацитет за 60 деца. За опремување на градинката „Бисерчиња“, Министерството издвои над 1,4 милиони денари, а парите за изградбата на објектот ги обезбеди општината.
„Нашата цел е континуирано да ги зголемуваме просторните капацитети на детските градинки во земјава, но и да го подобриме квалитетот на програмите и да вклучиме што поголем број деца кои досега немаа можност да посетуваат градинка“, рече Царовска при посетата на градинката „Бисерчиња“.
Царовска дополни дека целта на Владата е до 2020 година опфатот на деца во предучилишно образование да го зголеми за 50%.
Од 1 јануари годинава досега МТСП, обезбеди финансиска согласност за вработување на над 900 лица од кои поголемиот дел се на неопределено време.
Низ Македонија досега се отворени 11 нови објекти, чија вкупна инвестиција од државата изнесува 37,3 милиони денари. До крајот на годината е предвидено да се отворат уште 11 нови објекти со што сумата за изградба, адаптација и опремување на градинки за периодот од јуни 2017 заклучно со декември 2018 година, издвоена од државата, ќе изнесува 71 милион денари.